Специјалните обвинители земале 4.6 милиони евра бонуси – ДЗР забележал нерегуларности и во доделувањето на бонусите

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Од фондот на СЈО кој  веќе не работи, незаконски им биле исплатени 4,6 милиони евра бонус на специјалните обвинителите. Дадени се бонуси за да ги чувааат  тајните информации од прислушуваните материјали и за посебна заштита на приватноста. Така стои во најновиот извештај на Државниот завод за ревизија.

Екс специјалната обвинителка, Фатиме Фетаи не сакаше да даде коментар за тоа бидејќи, како што рече, се уште не го прочитала извештајот.

Ревизијата на ДЗР покажала  дека само во делот на надоместоците за плати за три месеци во 2015 година, Специјалното обвинителство платило повеќе пари за додатоци отколку за плати, додека бонусите биле пресметани без никаква правна основа, се наведува во извештајот на ревизијата.

„Во однос на остварувањето на правото на другите надоместоци, точноста на пресметката, евидентирањето и исплатата утврдивме дека истите не се во согласност, во сите материјални аспекти, со релевантната законска регулатива и интерните акти“, велат од Државниот завод за ревизија.

Но екс главниот обвинител на СЈО, Катица Јанева не се согласува со констатациите на ревизија. Таа им испрати забелешки на ревизорите.

„Дали пораката која на ваков начин се испраќа е: повеќе никој и никогаш во оваа држава да не се занимава со гонење на висока корупција, на начин како што го правев јас и СЈО, бидејќи на крајот, се ќе биде предмет на преиспитување, како што се случува сега, пост-фестум?“, посочи Катица Јанева.

Анализата на ревизорите покажа дека само службеници на СЈО добиле бонуси од половина милион евра, за периодот од март 2016 година до август 2019 година. Скандалот со бонусите на поранешните специјални обвинители го обелодени порталот Отворени финансии. Ревизорите подготвија два извештаи за бонусите во СЈО. Еден за јавноста и другиот за Обвинителството за гонењето на организиран криминал.