Намалување на цените на бензините и на дизел горивото за по 1,5 денар по литар, очекува Владата со утрешната одлука на Регулаторната комисија за енергетика. Премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека на сила останува и договорената мерка со ОКТА до крајот на месецов, со кој попустот кај дизелот е 3 денари, а кај бензините 2 денари по литар.
Мицкоски потенцираше дека сме земја со најниски цени на горивата во регионот, презентирајќи споредбени податоци со другите земји.
„Очигледно дека мерките кои што ги презема оваа Влада се сосема поинакви и тие мерки резултираат со ова. Да бидеме според Меѓународниот монетарен фонд трета земја во Европа, според обемот на мерки кои што се имплементирани за да се амортизира енергетската криза и да бидеме држава со најниска цена на бензините и дизел горивото во регионот, согласно мерките кои што ги преземавме“, изјави Мицкоски.
Владата на вчерашната седница, донесе одлука за продолжување на мерката за намалување на акцизите на нафтените деривати до 4 мај. Со неа се намалува акцизата за дизелот за 4, а на бензините за 2 денари по литар. Но, се измени одлуката за намалување на ДДВ-то. Па сега повластената стапка од 10% ќе продолжи да се применува кај бензините, а кај дизелот и другите горива ДДВ-то се враќа на 18 проценти. Премиерот очекува намалување на цената на дизелот и покрај враќањето на ДДВ-то на 18 %.
„Заклучивме дека со враќањето на Данокот на додадена вредност од 18 проценти повторно ќе имаме намалување на цената на дизел горивото, имајќи го во предвид просекот од минатата недела. Додека пак кај бензините, таа состојба не беше таква и доколку го вратевме и таму Данокот на додадена вредност на 18 проценти, тогаш ќе имавме зголемување на цената на бензините. Затоа одлучивме да остане и следните две недели 10 проценти“, изјави Мицкоски.
Премиерот ги отфрли критиките на опозицијата дека мерките доцнеле и не биле доволни. Истакна дека инфлацијата сега изнесува 4,9 проценти и очекува од мај, како што рече работите да дојдат на нивото коешто го очекуваме.
