Министерството за надворешни работи (МНР) на Република Србија денеска испрати протестна нота до Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина.
Во протестната нота се изразува незадоволство од спречувањето на вицепремиерот на Владата на Србија, Александар Вулин, да присуствува на отворањето на изложбата во Пребиловци, посветена на страдањата на српскиот народ во Втората светска војна, и се посочува дека Одлуката на властите на БиХ несомнено претставува кршење на добрососедската дипломатска практика.
Според соопштението од министерството, на покана на организаторите на изложбата „Пребиловци 1941“ требало да присуствува и вицепремиерот на Владата на Србија, Александар Вулин, но властите на Босна и Херцеговина не го издале неопходна дозвола за слетување на леталото со делегацијата на Република Србија во Мостар, иако навреме биле информирани за неговото пристигнување.
„Министерството за надворешни работи на Република Србија е разочарано од одлуката на властите на Босна и Херцеговина да не дозволат учество на нашата делегација на комеморативен собир, бидејќи таквата одлука не е во духот на добрососедските односи и цивилизациски достигнувања“, се наведува во нотата, соопштуваат од МНР.
