Србите со нови барикади на северот на Косово – граничните премини кон Србија и натаму затворени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Косовската полиција објави дека во текот на минатата ноќ е поставена нова барикада во регионот населен со мнозинско српско население во северно Косово, во населба во Северна Митровица на патот кон Звечан.

Во денешното соопштение на полицијата се наведува дека состојбата во областа населена со мнозинско српско население останува непроменета и во осмиот ден по поставувањето на барикадите на патиштата од страна на локалните Срби и дека граничните премини меѓу Косово и Србија, Јариње и Брњак, и натаму остануваат затворени.

Локални Срби започнаа минатата сабота, на 10 декември, блокади на патиштата и на граничните премини кон Србија во северно Косово, откако ден претходно беше приведен поранешниот припадник на косовската полиција, Дејан Пантиќ, осомничен дека организирал напади врз канцелариите на Централната изборна комисија и на припадници на полицијата на Косово, но и врз патрола на Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС.

Во четири општини во северно Косово, населени со мнозинско српско население, на 18 декември требаше да се одржат вонредни локални избори, откако досегашните градоначалници и членови на советите поднесоа оставки на функциите поради намерите на владата на Албин Курти да изрекува казни за тие што не ги смениле нелегалните српски со косовски регистерски таблички.