Претседателот на Демократска унија за интеграција, Али Ахмети, денеска во Скопје остварил средба со шефот на Делегацијата на Европска Унија во земјава, Михалис Рокас, на која се разговарало за актуелните политички случувања и европската перспектива на Северна Македонија.
На средбата детално биле разгледани обврските што државата ги има во однос на Европската Унија, како и одговорноста на институциите и домашните власти за исполнување на сите неопходни реформи и задачи на патот кон полноправно членство во ЕУ.
Ахмети повторил дека европската интеграција останува стратешки приоритет и клучен државен интерес, нагласувајќи дека Северна Македонија нема друга алтернатива освен членството во Европската Унија.
Соговорниците ја оцениле како особено важна потребата од продолжување на реформите, зајакнување на владеењето на правото, демократското функционирање на институциите и зачувување на проевропската ориентација на земјата, како основни предуслови за напредок во евроинтегративниот процес.
