Средбата Рубио–Лавров за војната во Украина заврши без напредок и со малку оптимизам

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Највисоките дипломати на Соединетите Американски Држави и Русија се сретнаа во четвртокот, оживувајќи ги напорите за ставање крај на војната што Москва ја води во Украина, а која влезе во својата петта година. Сепак, двете страни навестија дека не е постигнат никаков нов напредок ниту има причина за поголем оптимизам.

Средбата меѓу американскиот државен секретар Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се одржа во време кога американските напори за посредување во мировен договор се во застој, откако администрацијата на Трамп го пренасочи вниманието кон конфликтот со Иран, а Кремљ не покажа никакви знаци дека ги ублажува своите барања поврзани со војната.

По состанокот, кој траеше само 35 минути, Рубио ги опиша разговорите како „добри“ и „искрени“, но рече дека ќе бидат потребни нови предлози, бидејќи претходните мировни идеи не дале резултат.

Тој одби да даде повеќе детали.

„Соединетите Американски Држави се подготвени да одиграат конструктивна улога за ставање крај на една бесмислена војна“, изјави Рубио за Радио Слободна Европа.

Запрашан дали средбата донела некаков напредок, Рубио ги отфрли очекувањата за брз пробив.

„Дали мислите дека ја решивме војната во Украина за време на нашите 30 минути овде во Азија? Така не функционираат работите“, рече тој.

Подоцна, кога Радио Слободна Европа го праша Лавров кога Русија ќе ја запре војната, тој или го игнорираше прашањето, или не го слушна.

Во соопштение, руското Министерство за надворешни работи наведе дека Лавров го изразил незадоволството на Москва од американските испораки на оружје за Украина и ги обвини европските сојузници на Украина за „дестабилизирачка политика“, насочена кон „стратешки пораз“ на Русија.

Според Министерството, Лавров го покренал и прашањето за средба меѓу претседателите Доналд Трамп и Владимир Путин на Алјаска.

Кремљ инсистира дека Трамп и Путин на Алјаска постигнале важни договори за завршување на војната во Украина. Рубио и други американски претставници постојано го негираат тоа тврдење.

„Ќе мора да најдеме нови предлози и нови идеи“, им рече Рубио на новинарите. „Секако, она што беше предложено претходно не беше прифатливо за Украина во тоа време, а не верувам дека е прифатливо ниту сега. Всушност, можеби е уште помалку прифатливо.“

Според Рубио, секој можен мировен договор најверојатно ќе бара „нови идеи и нови концепти“.

Тој рече дека Вашингтон е подготвен да придонесе со предлози „доколку се укаже можност и условите бидат соодветни“.

Запрашан за средбата Рубио–Лавров, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, им изјави на новинарите дека Москва не е премногу оптимистична.

На бојното поле, украинските сили успеаја да го запрат напредувањето на руските трупи, кои и натаму се пробиваат многу бавно, претрпувајќи огромни загуби. Украинската кампања со беспилотни летала со долг дострел сериозно ги погоди руските нафтени рафинерии, додека Русија продолжува да ги уништува украинските градови со балистички ракети и дронови.

Меѓу другото, Русија и понатаму инсистира на целосна контрола врз окупираните делови од источна Украина, додека Киев одбива какви било територијални отстапки.

Рубио изјави дека Русија губи „повеќе од 5.000 до 6.000 војници неделно“, нагласувајќи дека и Украина платила „исклучително висока цена“, посочувајќи ги цивилните жртви и засилените напади врз Киев.

Тој рече дека и Русија и Украина имаат силни причини да ја завршат војната, но главната пречка останува пронаоѓањето услови што ќе бидат прифатливи за двете страни.

„Тоа беше предизвикот: крај што ќе можат да го прифатОд почетокот на целосната руска инвазија во февруари 2022 година, Вашингтон е најголемиот поединечен снабдувач на Украина со оружје и военаат и двете страни“, рече тој.

Претходните предлози не беа применливи

Од почетокот на целосната руска инвазија во февруари 2022 година, Вашингтон е најголемиот поединечен снабдувач на Украина со оружје и воена опрема.

Тоа снабдување се забави откако Трамп се врати во Белата куќа во јануари 2025 година, иако оружјето продолжува да се испорачува преку европските сојузници – што ја налути Москва.

Запрашан дали Лавров побарал од Вашингтон да ги запре испораките на оружје за Украина, Рубио одговори дека американската политика не е променета. Тој нагласи дека САД продолжуваат да продаваат оружје преку механизмите на НАТО, додека истовремено ги продолжуваат дипломатските напори.

„Сакаме војната да заврши. Подготвени сме да одиграме каква било позитивна улога што можеме за да ставиме крај на војната“, рече Рубио.

Тој предупреди дека мировен договор ќе бара долготрајни преговори, а не само една средба.

„Тоа нема да се случи на прес-конференција. Нема да се случи ниту на состанок овде на Филипините“, рече тој.

Рубио додаде дека Трамп останува фокусиран на завршување на конфликтот за „луѓето повеќе да не умираат“, Украина да може да се обнови, а младите руски војници да не продолжат да ги губат своите животи.

„Тој смета дека ова е бесмислена војна. Тој смета дека ова е војна без смисла“, рече Рубио.

Запрашан од Радио Слободна Европа дали Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски би можеле наскоро да се сретнат, Рубио одговори дека американските претставници остануваат во постојан контакт со Киев и дека многу почесто се среќавале со украински отколку со руски претставници.

Рубио исто така рече дека за време на одделната средба со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји не разговарал за руската војна во Украина, бидејќи, според него, двете страни имале „многу други прашања за дискусија“.