Министерот за информации и телекомуникации на Србија, Борис Братина, како специјален пратеник на Владата на Србија, присуствуваше на церемонијата на простување од врховниот лидер на Исламската Република Иран, ајатолахот Али Хамнеи, се наведува во соопштението објавено на официјалниот профил на министерот на Инстаграм.
Во соопштението се наведува дека министерот Братина се потпишал во книгата на жалост и, во име на Владата и народот на Србија, изразил сочувство до народот на Иран.
На веб-страницата на иранското Министерство за технологија, иновации и меѓународни прашања се наведува дека Братина пристигнал во Техеран на 3 јули, каде што на аеродромот бил пречекан од заменик-министерот Мохамад Хафез Хаками, јави РСЕ.
Во Иран, на 4 јули започна повеќедневната погребна церемонија на врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, кој беше убиен на првиот ден од американско-израелската воена операција против Иран, на 28 февруари.
Опозициската Партија на слободата и правдата праша дали српскиот претседател Александар Вучиќ ја информирал американската администрација дека испраќа министер во Техеран.
„По ова е јасно дека нема да има ништо од координацијата и усогласувањето на надворешната политика со Европската Унија, иако тоа е еден од клучните услови за ‘одмрзнување’ на процесот на европските интеграции“, се наведува во реакцијата на партијата.
Официјален Белград во последните години одржува пријателски односи со Иран, и покрај тоа што оваа земја е под меѓународни санкции поради својата нуклеарна програма и прекршувањето на човековите права.
