ССМ повика на масовен протест на 14 март: Платите мора да се зголемат – ако не ние сега, тогаш кој и кога?!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Работници, членови на Сојузот на синдикатите на Македонија, членови на други синдикати чии лидери не се борат за нивните плати, да ни се придружат во сабота во 12 часот и 5 минути од пред Работничкиот дом – повика претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

„Да ни се придружите во сабота во дванаесет часот и пет минути од пред работничкиот дом за да упатиме нова порака, дека платата, минималната плата, мора да се зголемат на сите. Дека платите во Македонија се мизерни покажуваат и податоците на Управата за јавни приходи кои покажуваат дека 160.000 работници живеат со плата под прагот на сиромаштијата. Сметаме дека треба да излезете заедно со нас. Ако не ние сега, тогаш кој и кога?“, праша Трендафилов.

Платата што работниците ја добиваат е резултат на нивниот труд, пот и мака, а не подарок од работодавачите, рече Трендафилов. Порача дека платите во март мора да се зголемат, бидејќи трошоците за живот секојдневно растат .

„Сметаме дека 1.667 денари усогласување само на минималната плата е недоволно во овие услови во кои живееме затоа што трошоците за живот секојдневно растат, а особено заради тоа што вредноста на синдикалната минимална кошница само за два месеци е зголемена за 2.000 денари.Тие сметаат дека вие сте задоволни со ништо или со ронки наспроти луксузот кој им го овозможувате нив“, рече Трендафилов.

Владата останува на ставот дека има политичка заднина зад дејствувањето на ССМ. Премиерот вчера кажа дека адресата пред Влада е погрешна и треба да се договорат работниците и работодавачите.

„Повикувам на внимателност затоа што станува збор за озбилни фамилијарни стебла во кои што се длабоко навлезени во еден политички талог во едно политичко мочуриште и нормално дека ќе излегуваат во јавноста со теми. Ако се се 600 евра минимална, за некое време и 800 евра ќе бараат минимална плата, па можеби 1.000 евра минимална плата. А ние како Влада тука сме немоќни“, рече Мицкоски.

Протестот во сабота ќе започне пред ССМ, ќе продолжи пред Собрание, па пред Стопанската комора и ќе заврши пред Владата. Од ССМ се децидни дека не отстапуваат од барањето за 600 евра минимална плата и раст на сите плати за над 6.000 денари. Доколку се нема слух за нивните барања,не се исклучува и опцијата за Генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор.