„Поранешната болница Мала Богородица-Систина станува ковид центар со што на располагање се стваат ови нови 100 болнички легла. Трошоците за лекувањето на пациентите со корона овде ќе ги плаќа државата“, посочува репортерката на ТВ21.
Министерството за здравство на синоќешниот состанок со сопствениците на приватните болници го постигна овој договор, а трите здравствени установи, „Систина“, „Жан Митрев“ и „Ремедика“ со опрема, медицински кадар и логистика ќе бидат на располагање на ресорното министерство за лечење на болни од Ковид-19 во новиот ковид центар.
„Стариот објект на „Систина“ целосно ќе биде опремен, ќе се инсталира и кислород за неколку денови, ќе се донесе опремата, а секоја од приватните болници ќе партиципира согласно можностите и големината. Бројот на кревети ќе биде доволен за во следниот период да се изменаџира кризата“, посочи Венко Филипче.
Сопственикот на Систина, Орце Камчев истакна дека ако остане на договореното, сите три поголеми и другите помали приватни болници ќе бидат вклучени во помошта на граѓаните
„Постигнавме договор во интерес на граѓаните. Ако остане како што е договорено, сите три поголеми и другите помали приватни болници ќе бидат вклучени во помошта на граѓаните за борба против КОВИД-19 и сите наши ресурси со кои располагаме. Комплетно ги прифативме условите од Министерството“, вели Орце Камчев.
Според сопственикот на „Филип Втори“, Жан Митрев, сите се на ставот дека треба да помогнат колку што можат.
„Начелно имаме концепт и стоиме зад сето тоа. Министерот и Министертсвото треба да го водат сето тоа, ние сме тука да помогнеме и во опрема и во кадар и во логистика. Засега нема никакви недоразбирања или непто околу што би се расправале, напротив, мислам дека сме сите сме во тој правец – да помогнеме колку што можеме во оваа ситуација“, вели Жан Митрев.
Во моментов во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат околу 1300 пациенти позитивни на корона вирусот. Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.
