Нед Прајс, портпаролот на американскиот Стејт департмент, на својот профил на „Твитер“ напиша дека САД поддржува отворање на преговорите во ЕУ со Северна Македонија и Албанија без одложување.
-Поддржуваме отворање преговори за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија без одложување. Се ангажираме на највисоки нивоа во Владата, за да ја демонстрираме нашата посветеност кон европскиот пат на земјите аспиранти, напиша Прајс на Твитер.
Претседателот Џо Бајден пред неколку дена издаде декрет со кој САД го прошири опсегот на вонредни мерки за регионот на Западен Балкан, што опфаќа и замрзнување на имотот и забрана за влез во САД на лица кои работат против Договорот од Преспа и Охридскиот рамковен договор и нивното спроведување и ги поткопуваат мирот и регионалната соработка.
