Стевче Јакимовски доброволно се пријавил за отслужување на казна затвор

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ), Стевчо Јакимовски, доброволно започна со издржување на затворската казна од шест и пол месеци, информираа од партијата.

Од ГРОМ изразија несогласување со одлуката на Кривичниот суд, оценувајќи дека пресудата против нивниот лидер е неправедна и дека се работи за случај поврзан со поставување две времени градби во Општина Карпош.

Според партијата, објектите биле користени за функционирање на општинската администрација во период од 13 години и со нивното користење биле заштедени средства кои би биле потрошени за закуп на деловен простор.

Од ГРОМ наведуваат дека времените објекти биле поставени со одлука на Советот на Општина Карпош, со усвоени програми за работа и јавни набавки, како и со обезбедени средства од општинскиот буџет.

Во соопштението партијата упати критики кон судскиот систем, обвинувајќи дека случајот претставува пример за, како што велат, селективна правда и политички влијанија.

Од ГРОМ посочуваат и на здравствената состојба на Јакимовски, наведувајќи дека тој е онколошки пациент и дека неодамна имал оперативен зафат, поради што сметаат дека не биле земени предвид неговите здравствени околности.

„Не не’ зачудуваат политичките противници и нивните ставови, но нека им служи на чест на сите оние од правосудниот систем кои учествуваа во замолкнувањето на Стевче Јакимовски“, наведуваат од партијата.

Од ГРОМ воедно им се заблагодарија на граѓаните кои во изминатите дваесетина дена му дале поддршка на нивниот претседател.

Стевчо Јакимовски беше осуден на шест и пол месеци затворска казна во предмет поврзан со поставување времени објекти во Општина Карпош.