– Дали сте министер за односи меѓу заедниците или министер за односи со Република Српска? – ова беше прашањето што пратеникот од Европскиот фронт, Блерим Беџети, му го постави на министерот за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, денеска во Собранието, пренесува ТВ21. Беџети побара од Стоилковиќ да ги презентира конкретните резултати на Министерството и работата за зачувување на Охридскиот договор.
– Дојдете со мене во Куманово да видите како живеам со припадниците на албанската заедница, ќе се изненадите – одговори Стоилковиќ, обвинувајќи ја ДУИ дека работела само за Албанците.
„Она што вие го работевте само за Албанците, сега се работи за сите. Ова се резултатите и можете да ги проверите кај сите припадници на заедниците во нашата држава. Ако ви требаат дополнителни објаснувања, ќе ви дадам. Знам што ве боли. Изгубено е, условно кажано, седиштето на паралелната држава во Македонија, таму каде што се носеа сите одлуки. Таму каде што се создаваше сè во државата, каде што се управуваше со државата и каде што веќе немате никакво влијание. Знам дека ве боли, но не можам да ви помогнам, граѓаните не ви дадоа доверба. Таму каде што сум испратен, каде што сум избран и каде што работам, Албанците ме прифатија на добар начин. Тоа можете да го проверите. Ве повикувам да дојдете заедно со мене, да ги посетиме сите сектори во Министерството за односи меѓу заедниците и да утврдиме дека тоа што го зборувам е точно. Точно е дека ниту еден Албанец од Министерството не е преместен од работното место. Истата раководна структура во Министерството е од времето на Артан Груби“, изјави, меѓу другото, Стоилковиќ.
Беџети возврати дека министерот не треба да зборува за лични искуства, туку за работата на Министерството како колективна институција.
„Затоа, не грижете се за нас дали сме изгубиле нешто или не. Слушнете, со најдобра намера ви велам, не затоа што сте Србин по етничка припадност – сите сме луѓе. Тоа Министерство, како што и самите кажавте, е многу важно и владата ВМРО-ВЛЕН ви ги доверила и делегирала тие надлежности. Но, ништо не се презема за афирмација и исполнување на обврските што произлегуваат од Охридскиот договор – апсолутно ништо. Тоа не е лична работа, владата е колективен орган“, рече Беџети.
