За пораките на европратениците од Комисијата за надворешни работи, кои деновиве ги упатија кон политичките партии во државава да се откажат од острата реторика и да покажат конструктивност во евроинтегративниот процес на земјава, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Македонија е конструктивна. Пратеникот Бојан Стојаноски во емисијата Клик плус на ТВ21 вели дека земјава заслужува да има предвидлив пат кон Унијата, а не постојано да се бара од нас да правиме некакви отстапки.
„Конструктивност апсолутно постои бидејќи ние сме тие кои што константно повикуваат на дијалог со било кој партнер од другата страна. Кажа и премиерот Мицкоски, само нека ни кажат ден претходно каде и во колку часот ние ќе се појавиме затоа што сме уверени во нашите аргументи. А нашите аргументи се следните дека Република Македонија 26 години колку што го има започнато овој пат по сите отстапки кои што ги има направено заслужува да има предвидлив пат, пат кој што ќе го знаеме одговорот на прашањето кога и како ќе биде завршен“, рече Стојаноски.
Од СДСМ пак повторно со повик за градење заеднички настап на сите политички партии за деблокирање на патот кон Европската унија. Пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска вели дека за ваквите стратешки прашања е неопходен широк политички консензус. Таа отворена ја повика власта да ја презентира својата стратегија за членство на земјава во ЕУ.
„Сите да седнеме на маса сите политички чинители во државата и општествени чинители во државата за да се откочи овој процес. Бидејќи преговарачката рамка, знаеме сите, не е билатерално прашање, напротив, таа е преговарачка рамка која Европската унија ни ја има дадено. Е сега дијаметрално спротивни ставови како две политички партии затоа што нашиот наратив претходно кога бевме Влада во делот на ова ЕУ прашање беше дека работиме забрзано но не избрзано.“, рече Лукаревска.
Деновиве претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта порача дека уставните измени се обврска и неопходен чекор за формално отворање на преговорите со Европската унија.
