Стопанската комора на Македонија соопшти дека формира Кризен штаб во рамки на комората, кој ќе функционира во периодот на траење на вонредната состојба во земјава воведна поради пандемијата на коронавирусот.
Кризниот штаб ќе има задача да овозможи уште поголема поддршка на компаниите преку обезбедување на континуирана достапност на информации и преземање на активности врзани за полесно пребродување на кризата.
На интернет страницата на Стопанската комора на Македонија компаниите можат да најдат бројни корисни информации важни за оперативното работење во тековните околности, информации за уредби, одлуки и препораки усвоени од Владата и други надлежни органи, интерни информации од комората поврзани со прашања кои ги покренуваат компании-членки на комората и информации од регионот, особено од Коморскиот инвестициски форум.
На интернет страницата на Стопанската комора на Македонија ќе бидат наведени и дежурни контакт лица со контакт информации.
