За странските инвеститори во Македонија се подобрила инвестиционата клима. Според анкетата што ја направи Советот на странски инвеститори, тие за 13 процентни поени се позадоволни во 2025 во споредба со претходната година. Изразено во вкупно задоволство, 55% од странските инвеститори би сакале да реинвестираат во државата, наспроти 42% колку што се изјасниле за тоа во 2024 година.
Но, првиот човек на Советот Виктор Мизо, зборуваше за задоволството, но сепак мораше да спомене дека инвеститорите имаат и одредени забелешки за работењето на институциите. Проблем има во доделувањето државна помош, каде што, според инвеститорите, треба да има поунифициран пристап при утврдување на инвестиционите трошоци и критериумите за поддршка, без разлика преку која институција се доделува помошта.
Особено се загрижени за најавите за нови блокади на граничните премини од страна на транспортерите во регионот.
„Тоа директно не афектира, бидејќи тоа не е само процес на тоа како ќе извеземе, току и како ќе ги увеземе тие репроматериали, бидејќи сето тоа доаѓа по копнен пат со камиони. Трошоците кои ги имавме во тие пет дена на крајот на јануари со користење на авионски превоз, за да ги задоволиме потребите на нашите клиенти, беа од стотици илјади до милиони евра за дел од компаниите и мора да се земе во обзир дека само ние, Србија и Босна, барем во автомобилската индустрија, овдека работата околу 110 илјади луѓе работат во таа индустрија.“, рече Мизо.
Овој проблем со транспортерите кој настана поради стриктната примена на системот за регистрација на влез и излез во Европската унија, според премиерот Христијан Мицкоски, веќе се разгледува и се бара решение. Владата, како што рече, води разговори со повеќе земји од Европската унија кои се дел од Шенген зоната.
„Веќе имаме на билатерална основа разговор со неколку држави од Европската унија, но и истовремено членки на Шенген зоната, така што во прашањето ваше е содржан и одговорот, најверојатно, начинот на кој што ќе се реши тој проблем, ќе биде преку издавање на годишни визи со повеќекратен влез и повеќекратен излез од Шенген зоната.“, изјави Мицкоски.
Ова значи и дека виза издадена во една земја, ќе важи за цел Шенген.
Што се однесува до моменталната состојба со кризата која настана по американско – израелскиот напад врз Иран, според Мизо сè уште е рано да се процени какви ќе бидат последиците за економијата. Тој смета дека треба да се почека најмалку една до две недели за да се види како ќе се развива ситуацијата и какво влијание ќе има врз индустријата и синџирите на снабдување.
