Страотна вест за трагичната автобуска несреќа во која животот го загубија 46 лица ги потресе утринава граѓаните на Македонија. Автобус на Беса Транс од се уште не утврдени причини околу 3 часот рано изутрина се превртел и потоа се запалил на автопатот Струма во Бугарија. Меѓу загинатите има 12 деца а несреќата ја преживеале седум лица. На местото на несреќата уште утрово се упати премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерот за здравство Венко Филипче. Заев веднаш откако ги посети повредените во болницата Пирогов во Софија изјави дека преживеаните патници успеале да избегаат откако го скршиле стаклото на автобусот. За причините на инцидентот вели дека ќе се чека да се изјаснат професионалните служби од Бугарија.
„Кога настанува пламенот и несреќата на задните делови од автобусот на задните седишта успеале да го скршат прозорецот и да се спасат овие седум луѓе. Веќе членови на семејствата од Скопје се дојдени тука на тие наши сограѓани кои што се овде во болницата. Дел од нив ги запознав имаа можност да си ги видат своите роднини овде и да поразговараат со нив. Како што видовме сите се граѓани на Република Северна Македонија, од повеќе националности се, имаме еден граѓанин од Прешево од Србија кој што е заедно со вереницата од Куманово биле заедно во Истанбул. Видовме во листата дека има и едно лице со белгиско државјанство“, посочи Зоран Заев.
Министерот за здравство Венко Филипче при посетата на повредените утврдил дека сите се во стабилна состојба
„Ние ги посетивме сите седум повредени пациенти тука во болницата и сите се во стабилна здравствена состојба односно никој не е во животозагрозувачка состојба. Станува збор за полесни повреди, контузии и исекотини кои се одлично третирани и санирани од нашите колеги за што сакам сакам да изразам благодарност и на директорот Романски, на болницата Пирогов. Има само еден пациент кој што има скршеница и уште некои дополнителни анализи ќе треба да се прават за да видиме дали ќе биде потребен хируршки зафат“, истакна Венко Филипче.
Продолжениот викенд што го имавме за денот на албанската азбука граѓаните сакале да го искористат за да патуваат во Истанбул, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„Некои непотврдени информации се дека има над 10 деца кои што се починати, меѓутоа и другите биле млади парови кои што го искористиле продолжениот викенд кој што го имавме во Северна Македонија бидејќи понеделник не се работеше беше ден на албанската азбука и граѓаните тој продолжен викенд го искористија за да можат да патуваат“, вели Бујар Османи.
Во оваа страотна несреќа четиригодишни близначиња се најмладите жртви од автобуската незгода. Инаку, јавниот обвинител Љубомир Јовески е најавено да се сретне со бугарските истражителите на местото на несреќата. Поради трагедијата, во Македонија се откажани и сите настани и манифестации.
