Украина е најсериозниот предизвик за европската и евроатлантската безбедност по студената војна. Западен Балкан се соочува со засилени активности на злонамерни актери кои настојуваат да ги нарушат демократските процеси преку економски притисоци, политички влијанија и дезинформациски кампањи. Ова во своето излагање го истакна министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски кој рече дека нашиот придонес во Алијансата има посебно значење.
„Овие трендови бараат интензивна долгорочна и координирана реакција и од НАТО и од Европската унија. Наше барање е обезбедување на долгорочна стратегија од НАТО и ЕУ за регионот кој ќе резултира со целосна интеграција на земјите од Западниот Балкан во структурите на НАТО и Европската унија“, вели Тимчо Муцунски.
Преку видео обраќање заменик генералниот секретар на НАТО Радмила Шеќеринска порача дека соработката меѓу НАТО и Европската унија е силна со цел заедно да се справат со предизвиците не само во Украина туку и во регионот. Македонија веќе 5 години од пристапувањето во Алијансата придонесува за стабилност, а членството значи и сигурност за земјава рече Шеќеринска.
„Стабилноста и успешноста во овој дел од Европа се суштински за нашата безбедност. На ова место ќе бидам пристрасна и ќе кажам дека нашето членство во НАТО значеше и значи дека нашиот напредок е заштитен. Нашата држава и нејзините граници се сигурни“, вели Радмила Шеќеринска.
Амбасадорката на САД Анџела Агелер порача дека инвестирањето во одбраната не е работа на избор туку на потреба и затоа ги повика сите сојузници да продолжат да го прават тоа.
„Ја повикуваме Северна Македонија за континуирано привремено ниво на придонес потребно за одржување на моќта на НАТО, вклучувајќи ги и 5 проценти за одбраната. Тие направија чекор напред претходно и им оддаваме признание за тоа навистина ја направија одбраната национален приоритет“, вели Анџела Агелер.
Германската амбасадорка Петра Дрекслер порача дека Европа мора да зајакне не само преку внатрешни реформи, туку и проширување. Особено во време на геополитичките предизвици само силна и обединета Европа може да гарантира дека нашиот континент ќе има просперитет, безбедност и слобода на долг рок, истакна таа.
„Министерот Вадфул кој неодамна ги посети сите 6 земјите на Западен Балкан напомна многу јасно дека Западен Балкан е интегративен дел од европското семејство и ЕУ не е само ветување туку всушност веќе е реалност и целосното членство базиран на мерит систем е процес на конкретна перспектива“, вели Петра Дрекслер.
Потпретседателот на Собранието и пратеник Антонио Милошоски пак посочи дека интеграцијата на Западен Балкан во Европската унија не е потребна само за земјите од регионот туку и за самата Европска унија и НАТО.
