Стрелките на часовникот се поместуваат наназад – на што треба да се внимава?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Оваа недела, на 27 октомври, започнува зимското сметање на времето, при што стрелките на часовниците се враќаат еден час назад. Ова значи 60 минути дополнителен сон, но и порано стемнување во вечерните часови.

Идејата за менување на времето се појавила во 18-тиот век, кога Бенџамин Френклин првпат предложил да се искористи дневната светлина. Систематската примена започнала во 1916 година во Германија, за време на Првата светска војна, со цел заштеда на енергија. Европските земји следеле овој пример, а во нашата држава системот е воведен во 1983 година.

Иако оваа практика се смета за корисна за искористување на дневната светлина, многу стручњаци укажуваат на негативните ефекти по здравјето, како што се нарушувања на спиењето и зголемена опасност од срцеви заболувања.

Стручњаците велат дека секое поместување на часовникот е стрес за телото, Како последица, некои луѓе може да искусат: замор, стрес, поспаност, депресија, расеаност, зголемен апетит, главоболка, намалена продуктивност итн.

Статистиките покажуваат зголемен број повици за итна помош и сообраќајни несреќи во периодот по промената на времето.

Исто така, треба да се истакне и дека зголемените часови на темнина може да резултираат со лошо расположение кај многумина, како и замор, болки во мускулите и ослабени коски поради недостаток на витамин Д којшто доаѓа од Сончевата светлина. Многумина доживуваат сезонско афективно нарушување како резултат на пократките денови. Симптомите на оваа состојба вклучуваат постојано лошо расположение, губење задоволство или интерес за нормалните секојдневни навики, раздразливост, чувство на очај и спиење подолго од вообичаеното.

Зимското сметање на времето ќе трае до последниот викенд во март 2025 година, кога повторно ќе се премине на летно сметање.