Струга ќе биде осветлена со новогодишни светилки – Кичево сѐ уште без одлука околу рестрикциите за јавното осветлување

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И покрај енергетската криза и препораките за штедење, Струга ќе биде украсена со светилки по повод новогодишните празници, а рестрикциите за јавното осветлување ќе бидат укинати. Градот ќе биде осветлен бидејќи се очекуваат голем број туристи. Арбреша Влаши, претседателка на Општинскиот совет вели дека иако се наоѓаме во енергетска криза, граѓаните сакаат Струга да биде украсена.

„Ова значи дека за новогодишните и божиќните празници центарот на градот ќе биде осветлен и ќе се прилагодиме на празничната атмосфера“, вели Арбреша Влаши.

Општина Кичево пак, ќе ја следи состојбата со енергетската криза, по што ќе одлучи како ќе постапи во однос на рестрикциите за јавното осветлување.

„Ја следиме состојбата со енергетската криза, сѐ зависи од тоа како ќе се одвива ситуацијата до крајот на годината. Сепак, размислуваме за новогодишните празници да ги стопираме рестрикциите за јавното осветлување. Што се однесува до украсувањето на градот, годинава како и претходните години нема да го украсиме, а уште помалку годинава кога треба да заштедиме повеќе“, додаде Фатмир Дехари.

Општините Струга и Кичево веќе неколку месеци штедат струја. Го исклучија јавното осветлување, по што уследија бројни реакции од граѓани, а беа поднесени и административни претставки.