Струга повторно станува светска поетска сцена: Почнува 65. издание на „Струшки вечери на поезијата“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Струга денеска го отвора патот на стихот и поетската мисла со почетокот на јубилејното 65-то издание на меѓународната поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“. Традиционалниот фестивал и оваа година ќе собере поети, писатели и љубители на литературата од Македонија и од целиот свет.

Програмата започнува во 10 часот во Паркот на поезијата, каде што ќе се одржи традиционалното садење дрвце и поетско читање посветено на годинашната добитничка на највисокото признание „Златен венец“ – холандската поетеса Анеке Брасинга.

Во текот на денот ќе следуваат повеќе настани поврзани со фестивалската програма. Во 12:30 часот во Пијано салата на хотелот „Дрим“ ќе се одржи прес-конференција со лауреатката, додека во 14 часот во хотелското лоби ќе биде отворена изложбата „Цвеќе, поезија, мир“ на уметникот Живко Поповски – Цветин.

Свеченото отворање на 65. издание на манифестацијата е закажано за 20:30 часот во Домот на поезијата „Браќа Миладиновци“.

По официјалниот дел, публиката ќе има можност да присуствува на меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“, кое ќе се одржи во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.

Со богата програма и учество на автори од различни земји, Струга и годинава ќе биде место каде што се среќаваат различни јазици, култури и поетски изрази, продолжувајќи ја долгогодишната традиција на еден од најзначајните поетски фестивали во светот.