Струшките плажи без спасувачи! – Црвен крст: Лицата обучени за спасување се повеќе од потребни

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Струшките плажи функционираат без спасувачи. Летово не е ангажиран ниту еден. Нема ниту поставено знаци за најризичните делови на езерото. Плажите се преполни со посетители, но концесионерите не водат сметка за безбедносните стандарди, иако се законски обврзани. Од Црвен крст-Струга велат дека спасувачите се повеќе од потребни.

„Важно е бидејќи се работи за спасување на нечиј живот кога ќе се најде во одреден момент на ризик. Не сите знаат да пливаат, понекогаш се случува и топлотен бран. Потребата во овие летни денови може да биде разновидна“, вели Адуриме Даути.

Спасувачите се обучени да ги извлечат од водите луѓе кои се во опасност од давење, да им понудат прва помош од повреди во вода или на копно. Црвениот крст постојано обучува спасувачи и ги носи на терен иако не им е тоа обврска.

„Лиценците се дека обуката важи 10 години, бројот на активни спасувачи е многу голем, но оваа година имаме 8 лица и имаме други кои ни помагаат за викенд, кога имаме потреба некој да замени некого“, додава Адуриме Даути.

Порано, десетици спасувачи ги обезбедуваа плажите на брегот на Охридското езеро во Охрид и Струга. Сега во Струга нема ниту еден, а на брегот на Охридското езеро се вкупно 8.