Претставниците на студентите ќе се сретнат со премиерот Мицкоски и министерката за образование, Весна Јаневска, за да разговараат за проблемите со кои се соочуваат, со фокус на зголемувањето на субвенцијата за храна. Студентите велат дека износот од 140 денари за оброк не е зголемен од 2023 година и не е приспособен на инфлацијата.
Од друга страна, Јаневска негира дека има прекршување на законот, нагласувајќи дека тогашното зголемување од 20 денари го покривало соодветниот период. На средбата се очекува да се разговара и за можноста за воведување систем на ваучери, според моделот на Словенија, каде што парите би можеле да се трошат само за храна во одредени продавници и угостителски објекти. Министерката рече дека ќе бидат разгледани предлозите и можните износи.
„Бидејќи во 2023 година им беше зголемен износот за повеќе од стапката на инфлација, беше зголемен за 20 денари и тоа е повеќе од стапката на инфлација. Потоа имаме писмени документи во кои студентите велат: не сакаме зголемување, сакаме проширување на квотата. Ние ја проширивме квотата. До моментот на нивното барање важи тој договор. Значи, и зголемувањето од 20 денари ја покрива 2025 година, односно и дел од 2026 година, до нивното барање. Од нивното ново барање, за кое заеднички се согласивме сега да разговараме понатаму за тоа што сакаат тие. Всушност, ние сега ги слушаме кои се нивните барања“, изјави Јаневска.
