Повеќе од 500 судии се жалат бидејќи Извршната власт ги стави на минималец носителите на третата власт.
„Во време на вонредна состојба не може Извршната власт да ги намалува платите на нејзиниот чувар. Тоа е мешање во власта. Уставот на РСМ ја дефинира поделбата на Власта на Законодавна, Извршна и Судска и помеѓу тие власти, едната не може да им ги намали, ниту пак диктира услови на другата Власт“, вели Андреј Божиновски, правен советник.
Се надеваат дека ќе има измени во однос на опсежноста на донесената одбредба.
„Во време на криза судиите во РСМ имаат најмала плата во регионот, тие се заштитени од Совет на Европа. Ниту една држава во однос на мерките, нема иницијатива за намалување на платите на судиите“, додава Андреј Божиновски.
Добрила Кацарска која 34 години е судија не се согласува со ова. Вели дека и долги години не е дел од тоа здружение.
„Судиите не смееа да помислат да водат вакви постапки. Покренувањето на иницијативи пред Уставен суд, за мене најблаго кажано е срамно. Се работи само за два месеци. Има семејства кои со години живеат со тие плати“, вели Добрила Кацарска.
Судија за организиран криминал во Основниот суд Скопје 1 додава дека најстрашно е кога независноста на судиите се поврзува со намалувањето на платата.
„Значи ли тоа дека ние сме независни кога земаме плата од 1.000 евра? Тогаш се поставува прашањето, дали на судиите местото сè уште ни е во судството“, додава Добрила Кацарска.
Ваквата одлука, Здружението на судии ќе ја оспори пред Уставниот суд, по што следната недела ќе биде ставена на дневен ред и ќе се одлучува по истата.
