Судството со сериозни дефекти – Тупанчевски: Можеме во Гинис по бројот на застарени предмети

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Правосудниот систем  во сериозен дефект. Констатацијата ја поткрепија истакнати имиња од правосудната сфера . Потребно е прочистување на правосудството  или дистинкција на добрите  од лошите, сугерира  универзитетскиот професор Никола Тупанчевски. Потсети на ветувањата  од  министерот за правда кој пред да стапи на функцијата вети дека ќе се зафати со чистење на судството.

„Како е возможно на еден обвинител да му застарат 300 обвиненија во десет години,кој е крив? Правниот факултет Јустинијан е крив затоа што им дал диплома?  Во меѓувреме станале сериозни професионалци. Меѓутоа може да влеземе во книгата на Гинис. Јас мислев дека се работи за невистинита информација, но како е возможно на еден човек толку предмети да му бидат застарени а ништо да не му фали?“, вели Никола Тупанчевски.

 Грешката, сугерира Тупанчевски мора да има  име и презиме.

„Па не е тука одговорен само Советот на Јавни обвинители. Одиме по хиерархија. Во меѓувреме се смениле тројца обвинители, каде е нивната контрола?  Па тука е Вишото јавно обвинителство, тука е јавното обвинителство на СРМ. Значи затаиле институциите“, посочува професорот Никола Тупанчевски.

Во иста насока и претседателот на Републичкиот судски совет. Според него не може да постои еден орган а членовите на тој орган воопшто да немаат никаква одговорност за нивната работа. На проблеми  укажа и членот од Државната комисија за спречување на корупција. Се пожали на проблемите со кои комисијата се соочува при следење на имотната состојба на судиите.

„Малку е поразителен фактот дека од 31 судии кои сме ги провериле, 14 од нив не го направиле тоа на време. Не е баш убав податок дека 90 посто од нив не ја исполниле базичната своја обврска да го достават анкетниот лист“, посочи Софка Пејовска.

Наместо дигитализација и поврзување со основните бази на податоци при проверка на имотната состојба на судиите, ние одиме пешки, се пожали членот на државната комисија  за спречување на корупцијата . Расчистувањето на корупцијата е предмет на Јавниот обвинител а имотната состојба е индикатор кој укажува на постоење корупција во правосудството. Дефектите се сериозни,констатираа поголемиот дел истакнати работници во правосудниот систем на трибината за реформски процеси за прочистување на правосудството.