Беше пресечена лентата каде што голем број државни функционери учествуваа на свеченото отворање на салата „Наум Наумовски – Борче“ или инаку позната како „Партизан“ во населбата Карпош. Некои млади од оваа општина имаа физички и спортски активности, но од тој ден ниту еден млад човек не можеше да ужива во оваа сала. Од тој ден салата е заклучена и е надвор од употреба.
„На 29 декември 2023 година, беше денот кога спортската сала „Наум Наумовски – Борче“ или инаку позната како „Партизан“ беше свечено отворена од премиерот Димитар Ковачевски и градоначалникот на општина Карпош. Но, тој ден беше прв и последен ден кога оваа сала беше функционална, иако најавите беа дека веднаш по празниците ќе почне со работа. Денеска е септември 2024 година, а оваа сала и натаму е затворена“, вели репортерот на ТВ21.
Прашавме во општина Карпош што се случи со салата и зошто истата не е во функција?
„Спортската сала Партизан која ни е предадена во владение не е во функција од неколку причини. Прво затоа што се уште не е приклучена на топлински извор и нема поставени грејни тела, а исто така и затоа што не е опремена со соодветни спортски реквизити. За ова е информирано Министерството за спорт повеќе пати и во очекување сме со нивна помош да ги обезбедиме сите овие потреби за да може салата нормално да функционира“, вели Општина Карпош.
Прашавме и во Министерството за спорт. Од таму велат дека станува збор за многу обемна документација.
„Станува збор за обемна документација која се проверува при надзорите, инспекторатот е на терен низ цела територија на РСМ откако е донесена Одлуката, а по целосно документирање на надзорите и утврдена фактичка состојба ќе испратиме информации“, вели Министерството за спорт.
Инаку, оваа сала беше донација од француската влада во 1969 година по земјотресот во 1963 година што го погоди Скопје. Во 2005 година од јавното претпријатие за стопанисување со спортски сали, под концесија на 30 години и е дадена на фирмата „Сенгруп“. Но, наместо да се користи, таа била запалена, наполнета со бетон и габаритен отпад и била целосно уништена.
