Свлечишта на патот кон тетовска бања – граѓаните се чувствуваат загрозено, општината чека подобри временски услови

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

При секои врнежи од дожд или снег, патот кој води кон тетовската бања е во ваква состојба…

Овие парчиња камења и грутки земја претставуваат опасност и за граѓаните кои поминуваат оттука. Велат дека не се чувствуваат безбедно и бараат надлежните власти да преземат мерки час поскоро.

„Нормално, ризично е, бидејќи патот го користат луѓе поради здравствени причини, но и спортисти. Многу е опасно, еве видете како се оштетуваат возилата. Кога е влажно има поплави, паѓаат камења, земјиштето се свлекува. Со ова се става во опасност нашиот живот. Институциите треба да преземат мерки и да го санираат ова еднаш засекогаш“.

„Треба да има ѕид или мрежа, но општината нема буџет, што да правиме… Неколкупати ми се има случено да ми падне камен врз колата. Поминував и падна…. Ризик е. Но, согласно можностите доколку има средства нека го средат ова…“

Во октомври минатата година од општина Тетово рекоа дека наскоро ќе биде реализиран проект, но работата сѐ уште не почна. Претседавачот на Советот на општина Тетово, вели дека проектот е добиен од УНДП и дека ќе се почне со работа веднаш штом ќе се подобрат временските услови.

„Како што ве информирав во октомври, сите процедури се завршени. Проектот е добиен и програмиран од УНДП. Отворена е и јавна набавка, компанијата работеше, по поради климатските услови, надзорникот назначен од УНДП издаде наредна работата да биде стопирана сѐ додека не се создадат поволни временски услови за работа. Потпорниот ѕид е проект кој е веќе добиен и истиот ќе биде долг 120 метри и висок 4 метри“, вели Бесар Дурмиши. 

Тетовската бања е позната по својата минерална вода, а голем број граѓани патот кој води до неа го користат за спортски активности. Патот е саниран, но граѓаните ги демне ризик од свлечиштата на земјиште, особено во овој период од годината.