СЗО: До 2030 година, светот ќе се соочи со глобален недостиг на здравствени работници

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Светската здравствена организација (СЗО) денес предупреди дека до 2030 година светот ќе се соочи со недостиг на медицински кадар, бидејќи се очекува околу една четвртина од лекарите да заминат во пензија во текот на следните 10 години.

„Во многу земји, и населението и здравствените работници истовремено стареат. Ова може дополнително да го влоши предвидениот глобален недостиг од 11,1 милион здравствени работници до 2030 година“, се наведува во соопштението на СЗО, засновано на податоци од повеќе од 100 земји, опфатени во нејзиниот извештај.

СЗО проценува дека до 2030 година, во 67 земји ќе има недостиг од потребниот медицински кадар за да се задржат актуелните стандарди на медицинскиот третман.

За да се задржи сегашниот сооднос меѓу медицинскиот кадар и бројот на жители, потребни се дополнителни 832 илјади здравствени работници.

Се очекува земјите со повисоки приходи, вклучително и многу европски земји, да бидат најмногу погодени, бидејќи имаат повисок процент на здравствени работници во понапредна возраст. Во овие земји, се очекува еден од тројца лекари да замине во пензија во текот на следните 10 години.