Тешките искуства во детството се многу почести кај младите во Европа отколку што се претпоставува, а нивните последици може да се чувствуваат и години подоцна. Нов извештај на Регионалната канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа покажува дека повеќе од две третини од младите на возраст од 18 до 30 години биле изложени на најмалку едно негативно искуство во детството.
Истражувањето било спроведено од ноември 2025 до јануари 2026 година и опфатило повеќе од 26.000 млади луѓе. Според резултатите, секој петти испитаник, односно 20 проценти, доживеал четири или повеќе негативни искуства во детството.
Меѓу најчестите искуства се издвојуваат разводот или смртта на родител, сведочењето на семејно насилство и емоционалната злоупотреба.
Колку е поголем бројот на трауматични искуства, толку е поголем и ризикот од последици врз физичкото и менталното здравје. СЗО предупредува дека младите кои биле изложени на повеќе негативни искуства почесто се соочуваат и со тешкотии во секојдневното функционирање.
Особено е изразена потребата од психолошка поддршка. Дури 76,3 проценти од младите кои доживеале четири или повеќе негативни искуства изјавиле дека во текот на изминатата година им била потребна стручна психолошка помош. Кај оние кои немале такви искуства, овој процент изнесувал 36,7 отсто.
Истовремено, податоците покажуваат дека токму младите кои биле најмногу изложени на негативни искуства почесто останувале без поддршката што им била потребна.
Од СЗО предупредуваат дека последиците од тешкото детство може да се пренесуваат и на следните генерации. Сепак, нагласуваат дека навремената превенција, достапната психолошка поддршка и создавањето безбедна средина за децата можат значително да го намалат долгорочното влијание на трауматичните искуства.
