Патничките новинари на списанието „TIME OUT“ го прогласија Охридското Езеро за најубаво место во Европа, опишувајќи го како многу попристапна и помирна алтернатива на популарното езеро Комо во Италија. Додека Комо во регионот Ломбардија привлекува повеќе од еден милион туристи годишно, Европа нуди и голем број други импресивни, но помалку посетени езерски дестинации, пишува „Time Out“.
Додека Комо е познат по своите ѕвезди од светска класа и голема толпа, Охридското Езеро нуди сосема поинакво искуство. Тоа е едно од најстарите и најдлабоките езера во Европа, кое се наоѓа на границата меѓу Албанија и Северна Македонија. Пејзажот не е помалку импресивен од неговиот италијански конкурент, со кристално чиста сина вода, планински врвови во позадина и крајбрежје прошарано со историски градови каде што времето како да застанало.
Главниот центар на Македонската страна е градот Охрид, сместен веднаш на брегот. Неговиот стар град е полн со тесни калдрмисани улички и е познат и по стотиците средновековни цркви – според легендата, некогаш имало 365 од нив, по една за секој ден од годината.
Теракота покривите што се спуштаат кон водата се карактеристична црта. Поминете го денот тука пливајќи и истражувајќи антички урнатини, додека вечерите се резервирани за гледање на зајдисонцето зад планините, сето тоа без цените што доаѓаат со одмор во Ломбардија.
Албанската страна на езерото нуди малку поинаков, подив пејзаж и потивки села. Селото Лин се издвојува, каде што може да се најдат остатоци од антички мозаик. Посетителите можат да најдат и живописни кампови веднаш на брегот, каде што може да се резервираат лежалки и сместување по многу прифатливи цени.
Остатокот од листата составена од туристичките писатели на „Тајм аут“ содржи и други уникатни места. Меѓу нив се градот Алберобело во италијанскиот регион Пуља, познат по своите куќи „трули“, лондонските градини Кју и архитектонското ремек-дело на Гауди, Каса Батљо во Барселона.
