„Гласаа вкупно 68 пратеници, од кои 65 ЗА, 3 ПРОТИВ, а немаше воздржани. Констатирам дека Собранието ја избра Владата на Република Северна Македонија“.
Со 65 гласа „ЗА“ и 3 „ПРОТИВ“ Собранието на Република Македонија го изгласа новиот владин состав, кој ќе важи до одржувањето на изборите, односно до формирањето на новата постизборна владина коалиција. Техничката влада ќе ја предводи првиот премиер Албанец во историјата на Северна Македонија, Талат Џафери.
Џафери во своето излагање пред пратениците рече дека без разлика дали е за еден или сто дена, со чест и одговорност ќе пристапи кон оваа задача. Ветува дека својата работа ќе ја врши совесно, врз основа на Уставот и законите, како и дека ќе се заложи за демократско организирање на изборите.
„При прифаќањето на мандатот за формирање на преодната влада за спроведување на изборите за пратеници од страна на претседателот Пендаровски, истакнав дека мандатот го прифаќам со цело задоволство и одговорност, со ветување дека совесно и врз основа на Уставот и законите, Владата и преговорите за нејзино формирање ќе ги реализирам согласно потребата и политичката состојба во државата, со надеж дека предлогот што денеска го имате пред вас ќе биде релевантниот состав што ќе ги исполни очекувања од актуелната состојба и пред се со одговорност кон нашите граѓани“, вели Талат Џафери.
ВМРО-ДПМНЕ воопшто не гласаше за новиот владин состав, а единствени „Против“ беа пратениците на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, како и претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов. По гласањето на техничката влада, новата влада направи семејна фотографија, но министрите предложени од ВМРО-ДПМНЕ не учествуваа. За ова Џафери рече дека граѓаните не треба да се грижат бидејќи работата на Владата ќе ги опфати и нив.
Инаку, техничката влада предводена од Џафери е трета во историјата од осамостојувањето на Македонија. Прв технички премиер беше Емил Димитриевски, а потоа и Оливер Спасовски. Техничката влада ќе трае 100 дена и главна задача ќе биде организација на претседателски и парламентарни избори. Првиот круг од претседателските избори е закажан за 24 април, а вториот заедно со парламентарните избори на 8 мај.
