Кандидатурата за претседател на РСМ официјално ја објави и Арбен Таравари. На гостиварскиот плоштад заедно со раководството на ЕСП, Таравари порача дека е дојдено време државата да има претседател Албанец.
-Со предлог на Алијансата за Албанците и поддршка на Европското движење за промени, денеска ви се претставувам како кандидат за претседател на државата. Привилегија е да се има доверба од толку многу фактори и привилегија е да се биде избран и да се има нивната доверба. Моја мисија е да бидам вашиот глас. Со почит го очекувам гласот на секој од вас. Дојдено е време земјата да има претседател Албанец, не технички, туку реално. На секој кандидат му посакувам успех и нека биде ова кампања на инспирација, европеизација и триумф-рече Таравари.
Таравари е уверен дека ќе оди во вториот круг. Тој ги спомна претседателските избори во САД. Кога во Америка се избра црнец претседател, зошто во Македонија да нема претседател Албанец, рече Таравари.
Таравари ќе остане на чело на општина Гостивар. Тој рече дека доколку биде избран за претседател ќе поднесе оставка, во спротивно ќе продолжи да раководи со општината. За кандидатура на Таравари му се потребни 10.000 потписи, за кои рече дека ќе се соберат во рок од 2 дена, од моментот кога ќе добијат зелено светло од ДИК.
