Се веруваше дека се најде решение за гужвата кај Клиничкиот центар Мајка Тереза, но и овој пат испадна само уште едно ветување. Пред четири дена министерот за здравство Арбен Таравари го промовираше планот за изградба на катни гаражи, а денеска изјави дека го поништил конкурсот на кој аплицираше само компанијата Ѓока Констракшн од Албанија.
Таравари рече дека со оваа постапка “ја ослободува јавноста“ по бројните реакции и рече дека разгледуваат други две опции. Со паркингот да менаџира ЈП Градски паркинг или општите служби.
СДСМ бара истрага и од институциите. Според опозицијата, предавањето на паркинг кај клинички на компанијата „Ѓока констранкшн“ каде 99% од добивката ќе оди кај компанија од Албанија, а само 1% ќе остане за државата, јасно кажува дека по ваквиот договор се крие сомнителен договор.
Таравари ги повика сите политички парти, но и граѓаните да се пријават со идејно решение за решавање на овој проблем. Рече дека се обидел да се сретне со директорот на Градски паркинг Скопје, Гавриловски, кој првично му кажал дека може да се сретнат, но 15 минути подоцна му рекол дека е на службен пат. Ниту ТВ21 не успеа да стапи во контакт со него.
