Несогласувањата во коалицијата ВРЕДИ веќе не се кријат. Дилемите дали да одат заедно на локалните избори или АА да оди сама, ја разбрануваа коалицијата.
-Ние сме дел од ВРЕДИ. Ќе се обидеме до крај да најдеме заедничко решение со ВРЕДИ, доколку не, ја имаме опцијата сами да одиме на избори, изјави Арбен Таравари, АА.
Незадоволството се чини се роди и поради каналите на комуникација Таравари-Ахмети. Во саботата дури и си подадоа рака двајцата лидери, но Таравари рече дека тоа била случајна средба бидејќи не знаел дека и Ахмети ќе се сретне со албанскиот претседател Бајрам Бегај.
–Јас не планирам да не разговарам со некој албански или македонски политичар овде во земјава. Освен со Апасиев не сакам да си имам работа. Со другите седнувам, разговарам, зборувам, изјави Арбен Таравари, АА.
По собранието на АА Таравари рече дека ќе направат обид со ВРЕДИ да излезат заедно на избори.
-Централното собрание го ангажира управниот совет да се обиде и натаму со ВРЕДИ да најде заеднички јазик за да се излезе заедно на избори, што е многу важно, но не ја отфрламе и другата резервна опција доколку не се најде заеднички јазик, изјави Арбен Таравари, АА.
Премиерот Мицкоски воздржан од коментари.
За разлика од другите партии во ВРЕДИ, АА смета дека на изборите, четирите партии треба да излезат со посебни листи за општински советници.
Во понеделник на 7 април, со Арбен Таравари како гостин во Клик Плус се очекува да се дознаат повеќе детали за одлуките што ќе ги донесе АА.
