Таравари тврди дека не недостигаат лекови: „Една недела имаше недостиг од биолошка терапија на Онкологија“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нема недостиг од онколошка терапија, туку само една недела немаше биолошка терапија, рече министерот за здравство Арбен Таравари. Според него, неделава оваа терапија ќе биде повторно достапна.

-Има лекови за онколошките пациенти, недостигаше една недела само биолошка терапија. Сакам да ја информирам јавноста дека биолошката терапија е дадена многу порано, но барањата на пациентите се многу поголеми, затоа направивме и протоколи каде треба да се дава оваа биолошка терапија. Од оваа недела ќе ја има повторно биолошката терапија, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.

Исто така и директорот на ФЗО, Сашо Клековски рече дека недостигот на биолошка терапија се комплетира.

Клековски зборуваше и за промените што планираат да ги направат за да најдат решение, како што се опремување на патолошки лаборатории надвор од Скопје, зголемување на капацитетот на ПЕТ скенерите и забрзување на процедурите. Во терапевтскиот дел рече дека ќе се зголеми базниот буџет за речиси 40-50 проценти што се очекува да биде одобрен оваа недела.

Ќе се размислува и за децентрализација на терапијата и дел од лековите во форма на таблети ќе бидат ставени на позитивната листа за да може да се примаат надвор од Онкологија.