Во Северна Македонија се формираат три нови албански политички партии. Станува збор за Демократското движење на Изет Меџити, Европската демократска партија на Арјанит Хоџа, како и за новата партија која синоќа ја најави пратеникот Скендер Реџепи. Ова не му се допаѓа на првиот човек на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари. Како гостин во SummerClick, Таравари вели дека ни се смее светот, не знаејќи кој со кого соработува.
„Не гледам сериозност. Станавме 10 партии, станавме предмет за исмевање во светот. Се поделивме, не знаеме кој со кого работи. Во моментов можам да набројам десет политички партии на Албанците во Македонија. Не велам дека не треба, 3-4 нека има, конкуренцијата е добра работа. Конкуренцијата носи квалитет. Дури и таму каде што има поддржувачи, може да се појави идеја, зошто да не“, вели Арбен Таравари.
Што се однесува до обединувањето на албанските опозициски партии Беса, Алтернатива и Демократско движење, Таравари вели дека сите тие се деривати на ДУИ бидејќи тројцата лидери некогаш биле дел од таа партија.
„Тие што сега се опозициски фронт, сите се деривати на ДУИ. Има незадоволни групи кои во различни периоди ја напуштија ДУИ. Тие се поранешни функционери на ДУИ. Земете по ред. Со Беса, со Алтернатива, сега и Изет Меџити. Сите тие се групи кои некогаш биле во ДУИ. Не беа задоволни и тоа е многу нормално. Се разделија, формираа партии, но менталитетот е на ДУИ“, посочи Арбен Таравари.
За овие обвинувања дека се дериват на ДУИ, претседателот на Демократското движење, Изет Меџити, АА ја нарече помошна патерица на ДУИ и Груби.
„Во влада влегоа со намера да обезбедат бројки за уставните измени. Се гледа дека бројки немаат,значи во влада влегоа за да ја спасат ДУИ и Груби. Ова треба да им се објасни на гласачите на АА, како АА реагира пред ДУИ кога беше опожарено возилото на Груби“, вели Изет Меџити.
Генералниот секретар на Беса, Абдуш Демири, Таравари го нарече дериват на Мендух Тачи и марионета на Али Ахмети.
„Интересен е фактот што во последно време како што изгледа Таравари од ден на ден се повеќе ја брани ДУИ и Али Ахмети а ја напаѓа опозицијата. Ова значи дека дериватот на Мендух Тачи сака да продолжи по патот на неговиот ментор, да биде патерица на ДУИ, како во времето кога беше опозиција исто и сега. Таравари со своите постапки и изјави е целосно демаскиран и е претворен во марионета на Али Ахмети“, додаде Абдуш Демири.
Од друга страна, генералниот секретар на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими, вели дека АА може да извади долга листа на оние кои претходно биле дел од ДУИ.
„Што се однесува до обвинението дека сме биле во ДУИ, изгледа ги измешал имињата, бидејќи ако се брои со бројки може да излезе подолг список на луѓе од АА. Иако е така, вината не беше на тие што некогаш беа со ДУИ, туку на оние што се денес со ДУИ и кои ќе одат на заедничките изборни листи со Али Ахмети“, вели Зеќирија Ибрахими.
Но, во SummerClick Таравари наведува дека кај сите политички субјекти или оние кои се во фаза на формирање има точни извештаи и смета дека не треба да се критикуваат и навредуваат меѓу себе.
