Министерот за здравство Арбен Таравари одговори за иницијативата на формирање на Албанска Академија на науките и уметностите. Иницијативата наиде на многу реакции од јавноста и од Академиците.
Таравари кажа дека не постојат никакви несогласувања во однос на оваа идеја, и дека тоа било програмска определба.
„Несогласувања немаме, ова ни беше програмска определба. Секогаш идеите кои се за наука и за уметност се добри и убави, така да засега има иницијатива од четири општини, и јас се надевам дека ќе изнајдеме решение кое ќе биде прифатливо за сите кои живееме во Македонија“, изјави Таравари кој кажа дека со оваа инцијатива никако се нема цел науката да се етнизира.
„Никогаш науката не се етнизира, таман работа. Ние имаме повеќе Универзитети, ќе имаме повеќе институции кои занимаваат со наука и уметност и треба да ги развиваме и да ги поддржуваме овие институции. Да дадеме максимум сите од себе што повеќе науката и уметноста на сите етнички заедници да се развиваат што подобро во земјава“, кажа Таравари.
