Порастот на бројот на патници на двата македонски аеродроми продолжува и со почетокот на зимскиот распоред на летање. Од 1 јануари до 25 октомври годинава, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, опслужиле вкупно 3.651.073 патници, што претставува зголемување од 28% во споредба со истиот период минатата година, а биле реализирани 24.232 летови, што е пораст од 10% споредедно со истиот период во 2025 година, соопштија од ТАВ, компанија која управува со овие аеродроми.
Позитивниот тренд продолжил и во октомври, со реализирани 2.085 летови, односно 9% повеќе во споредба со периодот од 1 до 25 октомври 2025 година. Според генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, континуираниот пораст на патничкиот сообраќај и развојот на воздушната поврзаност се важни показатели за потенцијалот на македонскиот пазар, додека компанијата продолжува да работи на проширување на мрежата на дестинации и привлекување нови авиопревозници.
„Еден од главните приоритети на ТАВ Македонија е долгорочниот развој и унапредување на авиосообраќајот, преку продлабочување на партнерствата со авиокомпаниите што веќе оперираат на македонскиот пазар, привлекување нови авиопревозници и зголемување на бројот на дестинации достапни од Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид… Веруваме дека развојот на воздушната поврзаност има значајна улога во поттикнувањето на туризмот, бизнисот и економските активности во земјата. Затоа, нашите напори се насочени кон тоа двата аеродрома да одговорат на потребите на пазарот, да останат атрактивни за авиопревозниците и да обезбедат сè поголем избор на можности за патниците кои патуваат од и до Македонија“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Зимскиот распоред на летови од Меѓународниот Аеродром Скопје и од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид почна на 25 октомври 2026 година и ќе трае до 27 март 2027 година. Патниците ќе имаат на располагање вкупно 56 дестинации од двата македонски аеродроми, со кои ќе сообраќаат 17 авиокомпании.
Меѓународниот Аеродром Скопје ќе биде поврзан со 45 редовни дестинации, кои ќе ги опслужуваат 13 авиокомпании, како и со 7 чартер дестинации, за кои е предвидена една авиокомпанија. Од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, во текот на зимската сезона 2026/2027 година, патниците ќе можат да летаат до 4 дестинации со 3 авиокомпании, соопштија од ТАВ.
