Падот на авионот на компанијата ДХЛ во близина на Вилнус најверојатно се должи на техничка грешка, соопшти денеска Националниот кризен штаб на Литванија.
„Најблиску сме до верзијата дека се работи за техничка грешка. Доколку добиеме повеќе податоци, можеби ќе го смениме пристапот кон несреќата, но во моментов нема такви податоци“, изјави шефот на кризниот штаб Вилмантас Виткаускас, пренесува Ројтерс.
Авион на DHL се урна во понеделник наутро во близина на аеродромот во Вилнус, при што загинало најмалку едно лице, а неколку се повредени.
Полицискиот претставник Рамунас Матонис потврдил за ЛРТ дека во авионот имало четири лица, а еден од двајцата пилоти им подлегнал на повредите.
Црните кутии од авионот беа пронајдени вчера, а литванското јавно обвинителство соопшти дека досега собраните податоци укажуваат дека причина за падот на авионот на DHL може да биде технички дефект или грешка на пилотот.