Судир меѓу власта и опозицијата околу измените на Законот за Владата, со кои се предвидува укинување на техничката влада! Европскиот фронт бара предлогот да се врати во процедура, имајќи предвид дека и при донесувањето на овој закон постоел политички консензус.
Координаторката на пратеничката група на ДУИ, Рина Хајдари, изјави дека е потребен консензус меѓу двете најголеми етнички заедници во земјата, по отворена дебата согласно Деловникот на Собранието и Законот за Комитетот за односи меѓу заедниците.
„Имајќи предвид дека овој предлог-закон директно ги засега односите меѓу заедниците и може да има влијание врз нивното политичко и институционално претставување, неопходно е истиот да се разгледа во Комитетот за односи меѓу заедниците како надлежен орган за ова прашање.“, вели Хајдари.
И од Алијансата за Албанците на Села велат дека власта во секоја инстанца се обидува насилно да направи измени што ги нарушуваат меѓуетничките баланси, па затоа пратеничката Илире Даути вели дека нема да дозволат да се прекрши волјата на народот ниту во Собранието.
„Сметам дека треба да се води дебата и во никој случај не треба да биде тема на дискусија укинувањето на техничката влада сè додека не се променат околностите и сè додека има обиди на насилен начин да се носат одлуки и во оваа институција, и додека Албанците и граѓаните на оваа држава не се чувствуваат претставени.“, рече Даути.
Со забрзана постапка и без консултација со опозициските партии, владата поднела Предлог-закон за измените на Законот за Владата со кој се укинува техничката влада, изјави Јованка Тренчевска од пратеничката група на СДСМ, кои се против овој предлог.
„Техничката влада е механизам што може да обезбеди минимални услови за фер и демократски избори. Таа не е привилегија на опозицијата, туку законска и демократска обврска за обезбедување еднакви услови во општеството. Целта на нејзиното постоење е да биде мост од заробена држава кон демократска држава.“, изјави Тренчевска.
Од друга страна, претставници на владата нагласија дека земјата има капацитет да организира избори и без овој механизам, оценувајќи ја промената како неопходен реформски чекор и дел од законската агенда.
„Не ја разбирам позицијата на ДУИ кон оваа иницијатива. Прво, укинувањето на техничката влада ќе важи по следните парламентарни избори, без да се прејудицира кој ќе биде власт, а кој опозиција. Дали ДУИ е толку сигурна дека ќе остане подолго во опозиција, па затоа се противи?! Второ, нивниот претседател Али Ахмети се согласи за укинување на техничката влада на последната лидерска средба во јануари, и трето, истата таа ДУИ бараше укинување на техничката влада во 2023 година.“, изјави Аднан Азизи од ВЛЕН.
Министерот за администрација, Горан Минчев, изјави дека имало најмалку три координациски средби со пратеничките групи и дека постапката е забрзана бидејќи се исцрпени шест месеци и до крајот на годината треба да се направат многу законски измени.
„Ставот на Владата беше веднаш да се укине оваа пржинска влада, бидејќи верувам дека е заеднички став на сите политички субјекти дека Македонија има државотворен капацитет сама да организира избори, без вакви наметнати шеми за да бидат изборите слободни и демократски. Сите барања што ми ги упативте, нека знае и јавноста, се вклучени во овој закон.“, кажа Минчев.
Техничката влада е решение од Договорот од Пржино од 2015 година, за излез од тогашната политичка криза во земјата. Со него се предвидува 100 дена пред избори да се формира техничка влада во која во одредени министерства влегуваат кадри од опозицијата, со цел обезбедување фер и демократски избори.
