Телефонски разговор Заев-Борисов – Захариева со навреда кон Македонија дека е тоталитарен режим

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Зоран Заев и неговиот бугарски колега Бојко Борисов имале телефонски разговор во врска со претстојниот состанок на Берлинскиот процес. Во соопштението испратено од Владата не се наведува што  разговарале околу отворените прашања и бугарското вето, туку, само дека се согласиле да ги продолжат преговорите.

„Премиерите Заев и Борисов разменија информации околу подготовките за претстојниот самит во Софија во рамки на Берлинскиот процес и договорија уште еден телефонски разговор на кој ќе биде донесена одлука дали состанокот во вторник ќе се одржи со физичко присуство во Софија или целосно онлајн. Заев и Борисов изразија уверува дека ќе продолжат да разговараат со цел изнаоѓање заедничко решение за отворените билатерални прашања“, се вели во соопштението.

Демократскиот сојуз предупредува дека Бугарија ќе ја наруши стабилноста на Балканот доколку цврсто остане на ставот да го попречи патот на Македонија кон Европската Унија. Оттаму велат дека со ваквиот потег источниот сосед го урива се она што е постигнато во односите меѓу двете земји изминатите години.

„Демократскиот сојуз смета дека блокадата на европскиот пат на Македонија од страна на Бугарија е катастрофална грешка со тешки последици по односите помеѓу двете држави и народи а ќе се рефлектира и на стабилноста на Балканот во целина. Да се негира постоење на македонскиот народ и македонскиот јазик е манифестација на национализам и шовинизам“, велат од Демократскиот сојуз.

Ваквата реакција и предупредување на партијата на Павле Трајанов доаѓа откако и Меѓународниот институт ИФИМЕС излезе со анализа во која ја повикува Европската унија првенствено Германија да влијаат врз Бугарија да го запре таквиот пристап, бидејќи како што наведоа тоа може да доведе до нова криза. Но и Захариева и Каракачанов кои деновиве се постојано на бугарските медиуми упорно повторуваат дека нема никој да ги премисли во нивните барања ниту Германија ниту САД. По низата обвинувања Захариева ја навреди Македонија дека е тоталитарен режим.

„Се разбира дека ќе се обидат да си осигурат поддршка од целиот свет  претпоставувам и од Американците тоа не ме изненадува. Многу е убаво и добро звучи таму дека Бугарија нема поддршка од никој, јас ќе ви дадам и примери.., но ми изгледаше многу како спорот со името со Грција кој не беше разбиран од сите. Ние треба сите заедно, како што им помагаме така и многу тврдо да настојуваме да запрат со методите од Социјалистичка Југославија и со тоталитарниот режим со кој за жал продолжуваат 30 години“, изјави Екатерина Захариева.

Од ВМРО-ДПМНЕ повторно излегоа со обвинувања дека по состанокот во Берлин, власта крие дека е постигнат договор на штета на македонскиот народ.

„Никој не ги споменува историјата и хероите и тука сакаме да прашаме дали тоа значи дека Заев, Пендаровски и Димитров и останатите прифатиле се што источниот сосед побарал во однос на историјата и историските личности, односно македонски херои. Дали ова значи дека Заев се откажал и од Гоце и од сите останати историски ликови и случувања во минатото, врз кои почива македонската држава и македонскиот идентитет“, вели Димче Арсовски.

Првата блокада Бугарија ја даде за Македонија во петокот на состанокот на подготвителниот состанок на ниво на амбасадори КОРЕПЕР. До состанокот на Советот на министри кој е презакажан за 17 ноември кога треба да се одобри преговарачката рамка за Македонија, останува да се одржат уште 2-3 состаноци на КОРЕПЕР, но од Бугарија засега нема најави дека ќе даде зелено светло за почеток на преговорите.