И додека изградбата на новата болница во Кичево е до никаде, актуелниот објект работи во услови кои се на незавидно ниво. Дотраен ентериер, недоволни простории и расипана и стара апаратура која датира уште од времето на поранешна Југославија.
Како последица на тоа, многу одделенија почнаа да наидуваат на проблеми при секојдневното функционирање. Ова го потврдува и директорот на болницата, Станко Трпески.
Трпески вели дека имаат потреба од најелементарни средства за работа. Прстот го вперува кон Министерството за здравство и Владата.
На Одделот за гинекологија е расипан автоклавот за стерилизација, па поради тоа не можат да се извршуваат породувања, особено оние кои се со царски рез. Така, бремените жени се препраќаат во други државни болници. Поради ваквата состојба, ова одделение стана речиси нефункционално.
