Тетово на врвот на листата, 229 заразени – 26 хоспитализирани! Само денеска 60 нови случаи

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

По три недели мирување, без ниту еден хоспитализиран пациент во ковид-центарот, Тетово го зафати нов бран на заразени со коронавирус. Има 26 хоспитализирани, од кои 25 се на кислород. Од нив, четворица примиле една доза, а еден пациент ги примил двете дози вакцина, но неговата здравствена состојба е влошена, вели координаторот на Ковид-центарот во Тетово, Гзим Нуредини.

„Во моментов имаме 26 хоспитализирани пациенти, а само еден не е на кислородна терапија. Станува збор за пациенти кои страдаат и од други болести, главно имаат проблеми со срцето, белите дробови и бубрезите. Најмладите пациенти се на возраст од 31 до 37 години, а има и пациенти над 65 годишна возраст. Во однос на вакциналниот статус, четворица примиле една доза, а еден пациент е вакциниран со двете дози“, посочи Гзим Нуредини. 

Нуредини додава дека непочитувањето на мерките, семејните прослави, но и доаѓањето на печалбарите се фактори кои придонеле во Тетово повторно да се прошири вирусот.

„Главниот фактор е што граѓаните мислат дека ако времето е убаво пандемијата завршила. Не носат маски, не држат дистанца, се групираат, се прават свадби, прослави каде еден заразен може да ги зарази и останатите. Во болницата имаме и пациенти кои пристигнале од странство, имаме и увезени со корона, и кластери… Сите комбинации ги имаме, од секаков вид, иако немаме информации дали станува збор за делта сојот“, истакна Гзим Нуредини.

Само вчера во тетовската болница се пријавиле 64 пациенти за кои се сомнева дека се заразени со Ковид-19, факт кој укажува на тоа дека во Тетово владее нов бран на заразени. Мобилната болница сѐ уште не е пуштена во употреба, но според Нуредини, можно е да биде ставена во функција поради зголемувањето на бројот на позитивните случаи.