Тетово, улицата „Штипска“ во кал по 3 месеци – Општината ветува брз почеток на асфалтирањето

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На улицата „Штипска“ во Тетово, градежните работи започнаа неколку недели пред локалните избори. Сепак, и по три месеци, улицата сè уште не е асфалтирана и продолжува да биде покриена со кал.

Обилните дождови и снегот придонесоа калта дополнително да се зголеми, а жителите велат дека не можат ниту во продавниците да влезат поради калта на нивните обувки. Тие бараат што поскоро да се преземат мерки, бидејќи состојбата е многу лоша и неподнослива.

„Два и пол месеци, два и пол месеци оваа улица не се прави. Како да влеземе дома? Катастрофа, гледате како нè оставиле. И цевката ја пробија, а не доаѓаат да ја поправат. Бандерата ја гледате, ја држи само една жица, може и да падне. Ископано е, секоја компанија доаѓа и си оди. Два и пол месеци не можеме ни во продавница да влеземе поради калта. Катастрофа, срамота е, голем срам, видете.“

„Уште од есен почнаа работите, помина цела зима и ништо не се направи. Требаше повеќе грижа, а не се направи. Ова е главна улица, не е споредна, нема каде да се паркира. Близу е пазарот, проблем е, калта ни влегува во домовите, не може да се помине. Секој ден мораме да ги чистиме и чевлите.“

„Има три, четири месеци, а никогаш не се завршува. Многу лошо, и самите гледате. Јас излегувам на асфалт, ама другите како поминуваат? Јас сам донесов чакал, па пак станува кал. Многу лошо.“

„Многу сме во мака. Како што гледате, не може да се помине. Има луѓе што имаат проблем дури и со брза помош, не може да влезе. Ниту такси не застанува.“

„Оваа улица, ако не грешам, започна две–три недели пред изборите. Работеше една компанија, ја остави на половина и си замина, па дојде друга. Сега има три месеци и состојбата е очајна. Времето е добро, а никој не работи. Не знам што да кажам. Со кеси се обидуваме да ги заштитиме чевлите, мораме на работа, а не се оди по кал. Со две–три пара чевли се снаоѓаме. Никој не презема мерки.“

Од Општина Тетово признаваат дека имало доцнења и велат дека доколку операторот кој го добил тендерот не започне со работите, ќе се преземат мерки согласно договорот.

„Точно е дека имаше доцнења, причините се работите што ги извршуваа кабловските оператори и операторот ЕВН, како и подземните работи на атмосферската канализација. Се наоѓаме во завршна фаза на тампонирање и асфалтирање. Ѝ дадовме наредба на компанијата да продолжи со работите, а доколку има дополнителни доцнења, без сомнение ќе бидат преземени мерки од Општина Тетово“, вели Алби Камили.

Ова не е единствената улица во Тетово што останала недовршена. Многу улици започнаа пред локалните избори и беа оставени на половина.