Тетовската гимназија два дена без струја – наместо решение општината и директорката со меѓусебни обвинувања

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Од гимназијата во Тетово велат дека секој месец остануваат без струја. Поради тоа директорот на училиштето и општината меѓусебно се обвинуваат. Од општината велат дека гимназијата е без струја бидејќи Министерството за образование не го одржало ветувањето и не ги платило долговите на гимназијата.

„Министерот Шаќири одамна вети дека ќе ги отплати сите обврски што гимназијата ги има кон ЕВН и дека нема да дозволи да се прекине наставата, но една недела пред крајот на полугодието се случува спротивното и се обидуваат да ја дезинформираат јавноста обвинувајќи ја локалната власт, но на граѓаните им е јасно дека од јули со ова раководи Министерството за образование и Теута Лала кои не се способни да ја средат гимназијата и да ги вратат учениците во училишните клупи“, вели Валедин Адеми.

За директорката на гимназијата Теута Лала, општина Тетово седум месеци пред преземањето на надлежностите од министерството не ги пуштило блок-дотациите, а тоа предизвикува извршителите да ги блокираат средствата секогаш кога Министерството ќе ги пушти средствата.

„Виновникот во овој случај има име и тоа е општина Тетово и во случајов градоначалникот на општина Биљал Касами, сето ова  се случува затоа што сите блок дотации на гимназијата се во општина Тетово, но од друга страна со преземањето на овластувањата од Министерството за образование пуштаат средства само за делот за кој се надлежни, а ние сме потонати во извршители и средствата завршуваат за извршители за долговите кои се создадени од времето кога Биљал Касами не пуштал блок дотации“, порача Теута Лала.

И додека општината и директорката продолжуваат со меѓусебните обвинувања, учениците од тетовската гимназија два дена немаа настава поради немање струја.