Иако зимава немавме врнежи од снег и мраз во Тетово, патиштата се полни со дупки. Споредните улици се пооштетени и се оштетуваат многу автомобили. Општина Тетово годинава планира санација. Градоначалникот на општина Тетово, Биљал Касами вели дека дупките наскоро ќе бидат санирани. Решение за овој проблем, тој гледа во целосна реконструкција на неколку улици.
„Наскоро ќе почне и санирањето на дупките во другиот дел од градот, но треба да има разбирање, во дел од улиците ќе се врши асфалтирање. Не зборуваме за санирање туку за целосно асфалтирање на тие улици. Така да оваа улица е патот кој ќе биде како вид на шеталиште меѓу улицата Борис Кидрич и улицата Браќа Миладиновци, ќе се направи асфалтирање, атмосферска канализација и јавно осветлување. Има неколку улици кои ќе се асфалтираат и наскоро ќе се почне другиот дел каде има потреба за санирање.“, рече Касами.
Минатата година иако општината одвои милиони денари за санирање на дупките во Тетово, тие беа санирани без да се исчисти местото или сече асфалтот во текот на процесот на санирањето. Тоа беше нова метода која претходно не се користела. Општината тогаш се образложи дека тоа е привремена мерка.
