Тежок пожар кај Макази, Ангелов вели можно е да е подметнат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Тежок пожар попладнево избувна во атарот на селото Маказ во Општина Ресен, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Според него, пожарот зафатил неколку јаболкови насади на најмалку две локации истовремено, а подоцна се појавила и подолга огнена линија, што, како што посочи Ангелов, укажува на сомнеж дека пожарот е намерно подметнат.

Пожарникарите од Ресен, со поддршка на ДЗС, се обидуваат да спречат ширење на огнот кон Националниот парк „Пелистер“. Ангажирани се и два огнени тима со противпожарни возила, како и воздухоплови на ДЗС.

На терен е и директорот на Националниот парк „Пелистер“, кој ангажирал механизација за пробивање противпожарни пресечни линии. Целта е да се спречи огнот да навлезе во шумскиот појас и да ги зафати боровите насади.

Ангелов информираше дека денеска се регистрирани повеќе од 30 пожари на отворен простор и повторно апелираше до граѓаните на максимална внимателност.

„Нашите сили се исцрпени“, порача Ангелов, додавајќи дека секојдневното гаснење на десетици пожари претставува голем товар и за локалните пожарникари и за државните ресурси.