Македонската музичка сцена денес е обвиена во тишина и тага по заминувањето на Владо Јаневски – автор, пејач и симбол на една ера на поп музиката која обележа генерации.
Неговите колеги, пријатели и соработници се простуваат преку социјалните мрежи со зборови кои тешко ја носат тежината на загубата, но ја пренесуваат љубовта и почитта што ја чувствуваа кон него.
Игор Џамбазов, еден од неговите најблиски колеги од сцената, напиша:
„Збогум Владо… Понекогаш зборовите не се доволни. А понекогаш се излишни. Слава ти! И ти благодарам за сѐ што направи“
Каролина Гочева, споделувајќи фотографии со Јаневски и неговата песна „Не заборавај да се сетиш на мене’, се прости со емотивни зборови:
„Владе мој, збогум со твојата песна што најмногу ја сакав… и никогаш нема да те заборавам“
Калиопи, која со години ја делеше сцената и пријателството со Јаневски, напиша:
„Си замина тивко, без поздрав… Ми беше другар, а јас твојата Каља… Толку нешта споделивме во овој живот и во следниот повторно ќе се најдеме… некогаш и некаде“
Весна Бејби Петрушевска се прости со една од најемотивните пораки што се појавија, во која алудира и на прерано починатиот Тоше Проески:
„Шепни му на малиот горе дека веќе нема полско цвеќе“
Тамара Тодевска се прости со следните зборови:
„Премногу направено, дадено и оставено… стиховите на кој никој не остануваше рамнодушен ќе бидат потврда за твојата вечност и големина. Ми беше чест што те познавав. Патувај мирно, драг мој Владо.“
Владо Калембер, еден од најпознатите пејачи на екс-ЈУ просторите, напиша:
„Голем уметник и човек. Твојата музика останува да живее и да нè потсетува на тебе.“
Овие зборови на истакнати музичари и уметници, иако различни по тон и лична емоција, носат порака дека Владо Јаневски остави траен белег кој не завршува со неговото заминување. И за колегите, но и за публиката, тој беше повеќе од пејач – беше глас на генерации, глас на љубов, носталгија и животни приказни.
