Со признавањето на Косово, нема да добие Србија ништо, само тоа би било добра новинарска приказна, а јас не сакам да завршам како Зоран Заев, рече претседателот на Србија, Александар Вучиќ алудирајќи на договорот од Преспа.
„Најмодерни и најдобри се оние политичари кои со воодушевување ќе прифатат независност на Косово, а притоа Србија ништо да не добие за возврат. Или да добие убава приказна во три месеци во западните весници, па да заврши како Зоран Заев со Преспанскиот договор“, посочи Вучиќ.
Како што вели тој, Македонија единствено што добила од ЕУ за договорот од Преспа била убава тримесечна приказна во западните медиуми.
„Па, така денеска човекот не знае што да прави со себе, бидејќи не сакаат да му отворат преговори затоа што, повеќе не знам ниту самиот поради што, ниту постои рационално објаснување“, додаде Вучиќ.
Долгогодишнито новинар Александар Чамовски синоќа во „Click Plus“ вели дека актуелниот премиер Заев сфатил дека прво се решаваат стратешките прашања.
„Македонија имаше среќа што го најде Зоран Заев. Без таков, сега ќе речам налудничав политичар кој сфати дека главните стратешки партнерни се решаваат во првите две до три години од владеењето, ние ќе бевме црна дамка, црна оаза, закопана држава“, истакна Чомовски.
Додава дека овој модел на решавање на спорови, допрва ќе се изучува со сите свои слабости што ги има на домашната сцена, но договорот од Преспа го гледа како пример и за регионот.
„На крајот на краиштата и еден Вучиќ и белградската школа вели, ајде да размислиме дека тоа Преспанскиот договор може да е модел за решавање на косовско-српскиот дијалог и статусот на Косово. Тие се нови сфаќања кои треа да ги изучуваме“, додаде Чомовски.
Македонија по решавањето на деценискиот спор со Грција, се соочи со нов од источниот сосед Бугарија. Тие застанаа на патот кон ЕУ, несогласувајќи се дека постои посебен македонски јазик кој е различен од бугарскиот. Софија бара од Скопје да признае дека македонската нација и јазик имаат бугарски корени, и да стави крај на анти-бугарската реторика во земјата.
