Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека и мотоциклистите отсега ќе бидат автоматски санкционирани преку системот „Безбеден град“ за пречекорување на дозволената брзина.
Досега системот кај мотоциклите регистрираше само поминување на црвено светло. Тошковски рече дека од вчера е овозможено автоматско детектирање и на брзината на мотоциклите.
Според него, мерката е воведена пред сè за зголемување на безбедноста во сообраќајот. Тој посочи дека од шест жртви во сообраќајни несреќи овој месец, четворица биле мотоциклисти.
„Безбеден град“ засега функционира на коридорите 8 и 10 и во Скопје, Куманово и Тетово, а до средината на септември се очекува да биде воведен и во Велес, Кавадарци и Неготино.
Тошковски информираше и дека системот ќе овозможи онлајн плаќање на казните и за македонските граѓани. Според него, од почетокот на годинава во сообраќајни несреќи загинале 59 лица, наспроти 96 во истиот период лани, што претставува намалување од околу 35 отсто.
