Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска го посети Одделението за семејно насилство при СВР Скопје, каде се запозна со работата на службениците, предизвиците со кои се соочуваат и резултатите од нивното постапување.
Според податоците на МВР, во периодот од 2022 до 2026 година во Скопје се евидентирани вкупно 1.275 пријавени настани поврзани со семејно насилство. Од нив, 326 случаи биле пријавени во 2022 година, 216 во 2023 година, по 273 во 2024 и 2025 година, додека во 2026 година, заклучно со денес, се регистрирани 187 случаи.
Истовремено, податоците покажуваат зголемена ефикасност во постапувањето на институциите. Во 2022 година по брза постапка биле процесуирани 10 случаи и биле изречени четири мерки на претпазливост. Во 2023 година биле процесуирани 18 случаи со седум мерки, во 2024 година 25 случаи со 11 мерки, а во 2025 година 34 случаи со 15 мерки.
Во текот на 2026 година, заклучно со денес, биле процесуирани 52 случаи по брза постапка и изречени 23 мерки на претпазливост.
Од МВР посочуваат дека во споредба со 2022 година, бројот на случаи процесуирани по брза постапка и изречени мерки на претпазливост е зголемен за повеќе од пет пати, што според нив покажува побрза и поефикасна институционална реакција.
„Семејното насилство го третираме со највисок степен на сериозност. Наш приоритет останува навремена заштита на секоја жртва и брза и решителна реакција кон сторителите“, истакна министерот Тошковски.
